Пронајдено е уште едно тело на починат патник во трагичната автобуска несреќа која се случи на автопатот „Струма“ во Р. Бугарија. Билансот на жртви од несреќата е 45 лица, а седум лица се пренесени на болничко лекување во Софија, информираше државниот Јавен обвинител Љубомир Јовески.  45-та жртва во несреќата е лице на помлада возраст.

Апсолутно уверен сум дека нема никаков сомнеж во пронаоѓањето на уште едно тело во изгорениот автобус, затоа што станува збор за големи оштетувања на автобусот кој од местото на незгодата е пренесен на друго место каде што се вршеа соодветни вештачења во делот на неговата техничка исправност и при тоа во предниот дел на автобусот најдено е уште едно тело. Според тоа, ја уверувам јавноста да нема никаков сомнеж, тоа го потврдија и обвинителите на Република Бугарија, вели Јовески.

По однос на сведоштвото на преживеаниот патник дека од несреќата биле спасени осум лица, Јовески вели дека документацијата на болницата во чија евиденција се заведени седум лица, не се совпаѓа со единственото сведоштво на пациентот за преживеан осми патник. Според Државниот обвинител, документацијата на болницата не се доведува во прашање со оглед на трагичната ситуација во која се наоѓал пациентот во моментот на несреќата.

Во земјава пристигнаа претставници на Јавното Обвинителство од Р. Бугарија на кој,  ќе им бидат предадени ДНК профилите од роднините од починатите во несреќата заедно со одземената документација од „Беса- Транс“.

Денеска претставници на Јавното Обвинителство од Република Бугарија пристигнаа во македонското Јавно Обвинителство , и  во текот на утрешниот ден ќе им бидат предадени ДНК анализи од роднините на починатите, а покрај тоа на бугарските претставници ќе им ја доставиме целата документација што досега е обезбедена од Јавното Обвинителство.

Тој додаде дека во  текот на денешниот ден Обвинителството до надлежните власти на Р. Бугарија упатила молба двајца претставници од Институтот за судска медицина во Скопје  да присуствуваат во експертизата за утврдувањето на идентитетот на починатите лица, единствено со намера да се забрза процесот на идентификација на жртвите во оваа тешка сообраќајна трагедија.

 

К.А.