
Во сторијата се наведува дека гробница на големиот војсководец е откриена случајно од страна на градежната фирма при реконструкција на граничниот премин Висје помеѓу Македонија и Грција.
При вршење на ископувањето со багер откриена била скалеста мермерна градба долга 30 и широка 4 метри, а подлабоко бил пронајден влезот на мавзолејот на Александар Македонски.

„Сити Магазин“: Пронајден гробот на Александар Македонски

Српскиот веб портал пишува дека поради близината на гробницата до грчката граница местото го чувале бројни полициски сили, кои не дозволувале пристап на новинарските екипи. Информацијата на „Сити Магазин“ засега официјално не е потврдена од Управата за заштита на културното наследство или друга релевантна институција од Македонија.
Медиумите во Македонија: Приказната е невистинита и измислена!
Приказната која ја пренесува српскиот магазин се базира на имагинација и е измислена сторија, стои во првичните реакции на медиумите во Македонија. На тоа упатува локацијата каде наводно била пронајдена гробницата на големиот војсководец и наведениот граничен премин Висје, за кој никој не чул. Неточни се и повеќе други информации и имиња кои се споменуваат или цитираат во оригиналниот текст. Исто така за извор на информацијата се користи македонска новинска агенција, која всушност не постои. Веста според македонските медиуми е невистинита и е плод на бујна фантазија, но ништо повеќе од тоа.
Српските медиуми сметаат дека се работи за несолена шега:
Скептицизам во врска со објавената информација изразија дел од реномираните српски медиуми. Тие сметаат дека се работи за несолена шега и целосно невистината информација која според нив е вешта конструкција.
Сепак гробот на големиот војсководец и натаму останува мистерија која и во иднина ќе привлекува голем интерес, не само на археолозите, туку и на медиумите и јавноста. Додека истата не биде разрешена по се изгледа ќе се изначитаме вакви или слични сензационални „стории“.












