Остатоци од човечки тела, за кои се претпоставува дека припаѓаат на убиени свештеници, пронајдени се деновиве во тешко пристапна густа шума на локација над манастирот Свети Јован Бигорски, а под селото Галичник. Се претпоставува дека станува збор за мошти на свештеници кои биле ликвидирани во 1918 година од страна на тогашните српски власти. Според преданијата, во тоа време поповите од старата црквата Света Петка, во која на времето имало и училиште, се спротиставиле на намерата на новата власт да спроведе србизација на локалното население, поради што биле ликвидирани на локација која е тешко достапна. За овој случај на времето било строго забрането да се говори од страна на властите со цел истиот да биде заборавен.

Моштите се откриени благодарени на 93-годишниот Зендел Ахмеди од селото Ростуше. Тој уште како дете, шетајќи се по падините на Бистра, забележал две распаднати тела во мантии и црковни ознаки. Неодамна, старецот одлучил оваа тајна да ја сподели со игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј. Тој веднаш пратил монаси да го бараат местото, но не успеале да го најдат, бидејќи минало доста време и природата со своите дејствија ги покрила коските. Игуменот изгубил надеж дека моштите може да бидат пронајдени, сепак, монасите Пајсиј, Амвросиј и Нифонт одлучиле повторно да се обидат да ги пронајдат моштите. Бигорските монаси тргнале во потрага рано утрото на 5-ти ноември. Прво отишле во Ростуше кај дедо Зендел, кој од својата куќа, којашто се наоѓа на самиот почеток од селото, им го покажал правецот кон пештерата, односно процепот каде што тој некогаш ги видел телата на свештениците. Монасите се упатиле кон местото наречено „Кај поповите“. Целиот ден го минале барајќи ја пештерата, па дури и се одвоиле за да можат што подобро да бараат низ планината. Пред стемнување отецот Нифонт, губејќи секаква надеж дека ќе ги најдат моштите, здогледал птица на небото како врти над едно место. Монахот тргнал кон местото и забележал голема карпа, а во неа процеп со мала пештера. Местото било покриено со земја, гранки, камења и лисја, но Нифонт паднал на колена и почнал да копа со раце во земјата. На 20-30 сантиметри длабочина пронашол коска. Продолжил да копа уште подлабоко и почнале да се појавуваат уште коски. Кога видел дека се човечки, почнал да ги вика другите монаси кои стигнале набрзо и се увериле дека станува збор за човечки коски. Потоа брзо се вратиле во манастирот, му кажале на отец Партениј дека го пронашле местото каде што се наоѓаат коските, а тој ја известил полицијата.

Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски за Макфакс потврди дека на 6-ти ноември во полициско одделени Ростуше еден од свештеници на манастирот Свети Јован Бигорски пријавил дека двајца монаси на 5-ти  ноември во попладневните часови на местото наречено „Кај поповите“ пронашле 30 најверојатно човечки коски, ги подигнале, ги ставиле во вреќа и ги однеле во манастирот ставајќи ги во посебна просторија. Следниот ден, тројцата монаси заедно со професионален тим за увид, составен од двајца полициски специјалци, инспектор по крим-техника, инспектор од крим-полиција и доктор од Маврово, извршиле комплетен увид на самото место при што пронашле стотина коски и други материјали.
 
„Направена е фотодокументација, а остатоците ќе се вештачат на Судска медицина, со цел да се утврди од кое време потекнуваат“, изјави Јосифоски.

Во наредните денови се очекува монасите да проверат во црковните книги, кои свештеници служувале во Галичник во 1918 година, со цел да бидат откриени имињата на погубените попови.

OhridNews

извор Макфакс