Во тек се активностите на полициските службеници за откривање и фаќање на разбојниците кои вчера околу 18.30 часот извршија вооружен грабеж на златара во струшката чаршија.

Како што информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, доцна синоќа по интензивен преглед на теренот пронајдено е патничко моторно возило марка „Ауди“ со струшки регистарски таблици со кое сторителите на кривичното дело разбојништво ја напуштиле златарата.

Возилото е пронајдено на шумски пат над струшкото село Мали Влај. Дополнително е извршен преглед и на поширокото подрачје при што над атарот на село Вишни во близина на македонско- албанската граница пронајден е дел од златото и златните предмети кои што се одземени од страна на извршителите на кривичното дело, изјави Димоски.

Тој потенцира дека активностите на полициските службеници продолжуваат со цел целосна реализација на ова казнено дело.

Грабежот на златарата во Струга се случи вчера вечер во 18.30 часот од страна на пет лица кои биле маскирани и вооружени со огнено оружје . Четворица од нив влегле во златарата, а едно лице го обезбедувало влезот на објектот. Во грабежот беа повредени три лица од кои едно се здобило со прострелни рани, по што е згрижено во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“.

OhridNews