Просторот наспроти зградата на „ЕВН Македонија“ во Охрид, од каде што беа отстранети неколку времени објекти, веќе подолго време стои неуреден и обраснат со трева. Охриѓани кои живеат на овој потег од градот велат дека неуредниот простор им остава лош впечаток на туристите.
-Се работи за локација на фреквентно место, која требаше да биде уредена веднаш штом се отстранија времените објекти, но наместо тоа еве околу седум месеци стои вака запуштено, а сите знаеме колку туристи дневно минуваат тука. Сметам дека треба да се преземат мерки и овој простор соодветно да се уреди, вели охриѓанец кој живее во непосредна близина на „ЕВН“.
Од Охридската локална самоуправа велат дека овој простор до сега не бил уреден бидејќи на ова место се планира изградба на Мал кружен тек.
-Овој проект е подготвуван во најтесна координација со Одделението за урбанизам при Општина Охрид, така што по прибирањето на целосната документација, истиот се претстави пред Градоначалникот на Охрид, а по негово одобрување, заедно со уште неколку други витални инфраструктурни проекти се аплицираше пред кредитната испостава на Светска Банка. Тоа значи дека средствата за реализација на овој проект во целост се обезбедени од кредитот на Светска Банка за којшто пред неколку дена зборуваше и Градоначалникот, информираа од Секторот за комунална дејности при општина Охрид.
Од таму најавуваат дека градежните активности за рeализација на овој проект се очекува да започнат оваа есен, по завршувањето на летната сезона.
-По завршувањето на градежните активности и изградба на овој Мал кружен тек, Секторот за комунална дејност при општина Охрид ќе пристапи кон оплеменување на просторот и поставување на соодветна сообраќајна сигнализација и јавно осветлување, велат надлежните во Секторот за комунални дејности.
Тие се надеваат дека Малиот кружен тек позитивно ќе влијае врз безбедноста кај сите учесници во сообраќајот и ќе го растовари движењето на автомобилите, моторциклите и пешаците.
Е.М