На просветните инспектори Ѓорѓи Илиески и Зоран Ристевски денеска не им било дозволено да извршат вонреден инспекциски надзор на Меѓународниот универзитет во Струга на Рамиз Мерко. Иако уредно се легитимирале и покажале налог од Државниот просветен инспекторат и второстепената комисија за образование, одговорното лице не им дозволило да ја вршат својата работа.
-Не ни беше овозможено на Меѓународниот универзитет во Струга од страна на одговорното лице Арбен Кадриу да се изврши инспекцискиот надзор за да се констатираат проблемите кои таму ги има повеќе од 2-3 години. – изјави Ѓорѓи Илиески, виш просветен инспекор.
Илиески и Ристевски тврдат дека биле вербално нападнати од одговорното лице на универзитетот, поради што случајот го пријавиле во полицијата и во јавното обвинителство.
-Бевме навредувани како инспектори багабонти со пцуење на македонска мајка. – тврди просветниот инспектор Илиески.
Просветните инспектори тврдат дека ова не е прв пат да не им биде овозможено да извршат надзор во оваа високообразовна институција каде, како што тврдат, се сомнителни многу дипломи, вклучително и на актуелни политичари, за што тие ќе ги информираат сите надлежни институции, вклучително и владата, претседателот на државата, народниот правобранител и дипломатските претставништва.
–Сомнителни се многу дипломи, меѓу кои и на актуелниот градоначалник Рамиз Мерко, како и на сопругата на одговорното лице Беса Кадриу, чии докторски дисертации не се нострифицирани од Нови Пазар, Република Србија. – изјави инспекторот Ѓорѓи Илиески.
Во телефонски разговор Рамиз Мерко кажа дека е во странство и не знае за случувањата на Меѓународниот универзитет. Тој ги упати медиумите информација да побараат од одговорното лице на универзитетот кој не одговараше на телефонски повици.
OhridNews













