Во организација на Координативното тело на Дебрца за спречување на изградба на регионална депонија, денеска со почеток во 12 часот во Годивско поле-Дебрца, ќе се одржи протестна манифестација. 

– Уште еднаш, ние жителите на општина Дебрца, цивилизирано ќе пратиме порака до Владата на РМ, да се земат во предвид понудените и несоборливи аргументи на Координативното тело и населението на Дебрца, за стопирање на понатамошните активности за реализација на проектот. – велат од Координативното тело, додавајќи дека нивните активности не се поврзани на било каков начин со претстојните локални избори.

Избраната локација е местото каде е предвидена да се изгради регионална депонија за југозападниот дел на Македонија, проект кој е финансиран од Европската Унија, а го изготвува грчката фирма ЕНВИРОПЛАН С.А. во соработка и координација со Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, нагласуваат организаторите.

Од Координативното тело додаваат дека аргументите кои ги наведуваат се во прилог на потреба од итно стопирање на овој проект кои биле доставени до Владата на РМ, Министерството за ЖСПП, Министерството за Здравство, Министерството за Култура, Министерството за Земјоделие, Канцеларијата на ЕУ во РМ, Канцеларијата на УНЕСКО во РМ, од каде до сега немаат добиено никаков одговор.

OhridNews