На 4 август (петок) во 12 часот пред градилиштето на хотелот во населбата Лагадин и во непосредна близина на планираната локација за каде што беше најавена изградба на Медитеранска плажа, граѓани ќе одржат протест за одбрана на Лагадин и охридското крајбрежје од понатамошна урбанизација и девастација.
– И покрај тоа што повод за овој мирен протест е изградбата на спорниот хотел, протестот има за цел да го сврти вниманието на институциите и на јавноста кон сите обиди за уништување на крајбрежјето, езерото и Националниот парк Галичица, кои најчесто се прават под превезот на развој и унапредување на туризмот, велат организаторите Драгана Велковска и Илина Арсова.
Со протестот се бара неотповикливо поништување на дозволата за изградба на спорниот хотел и негово уривање, повлекување на плановите за Медитеранска плажа, да се заборави идејата за хотелски ресорти во Градиште и Љубаништа и експресен пат на Галичица. Се бара и прогласување на мораториум на градењето на објекти од цврста градба долж крајбрежјето, до целосното преиспитување на досегашната стратегија, со цел да се овозможи трајна заштита на пејзажните и амбиентални вредности на охридскиот регион.
OhridNews












