Граѓанските организации кои спроведуваат активности за превенција и рано откривање на ХИВ помеѓу групите изложени на најголем ризик во земјава, денеска одржаа мирен протест пред Собранието на Република Македонија, од каде јавно побараа од пратениците, Владата, Министерството за финансии и Министерството за здравство да го корегираат скратениот буџет за заштита на населението од ХИВ – во согласност со препораките на експертите. Според нив тоа ќе спречи појава на епидемија на ХИВ и ќе го заштити здравјето на сите граѓани.


фото „Макфакс“

-Во националната програма за ХИВ за 2017 година се неопходни најмалку 65 милиони денари од буџетот на Република Македонија, според проценките на домашни експерти што ги ангажираше Министерството за здравство. Наместо тоа, предлог-Буџетот на Република Македонија за 2017 година предвидува само 27 милиони денари, износ кој не е доволен да ги покрие ниту потребите за животоспасувачка терапија за една година. Според експертите, за лекување на пациентите за една година неопходни се 32 милиони, додека 33 милиони денари се потребни за покривање на превентивните програми за половина година. За првите 6 месеци од 2017 година Република Македонија сѐ уште се надева дека Глобалниот фонд за ХИВ и туберкулоза ќе одобри да се искористат заштедените средства од грантот за да се покријат превентивните програми. – велат невладините организации.

Според невладините организации уште позагрижувачки е што во т.н. превентивна програма воопшто нема да останат средства за превенција. Тоа ќе значи зголемен број на нови инфекции и зголемен број на смртни случаи од ХИВ поради задоцнето откривање. Исто така, на долг рок ќе се зголемат трошоците за лекување поради долги хоспитализации и скапи терапии, кои со помош на превентивните програми може да се избегнат, велат тие.

-Доколку не се обезбедат средства за да се одржат програмите за превенција ќе се затворат сите теренски и стационарни сервиси за ХИВ за групите под најголем ризик од ХИВ кои функционираат во повеќе од 14 градови ширум земјата. Најмалку 15.000 припадници на ранливи категории на граѓани, како и нивните семејства, ќе останат без пристап до бесплатни средства за превенција и брзи скрининг тестови за рано откривање на ХИВ. На тој начин инфекцијата ќе се шири побрзо, а тоа може да се одрази не само на овие групи, туку и на пошироката популација, особено младите. – предупредуваат невладините.

Во изминатите 13 години Глобалниот фонд даваше значителна финансиска поддршка за националната програма за ХИВ. Како земја со висок среден приход и ниска стапка на ХИВ-инфекција, Република Македонија веќе не може да аплицира за средства од оваа меѓународната организација. Со потпишувањето на досегашните грантови Министерството за здравство се обврза да го преземе финансирањето на националната програма за ХИВ по завршувањето на грантовите. Покрај тоа, Министерството за здравство јавно се обврза дека ќе ги одржи програмите за превенција преку мрежата на граѓанските организации на јавната расправа во Комисијата за здравство при Собранието на Република Македонија на 11 декември 2015 година, објаснуваат од невладиниот сектор. 

OhridNews