Граѓанското движење „Протестирам“ вечерва одржа мирен протест во Струга. 

Протестот започна во центарот на градот, од каде учесниците со пароли и препознатливи скандирања се упатија по кејот на Дрим, па преку чаршијата до централниот плоштад. Таму на разглас се пуштаа извадоци од прислушкуваните разговори објавени во проектот на опозицијата „Вистината за Македонија“, а химната на Македонија беше проследена со запалени факели.

На присутните им се обрати претседателот на општинската организација на СДСМ – Струга Даме Ложанкоски, кој побара да престане притисокот врз граѓаните од институциите.

-Ги повикувам искрените членови на ВМРО ДПМНЕ не да ни даваат само вербална поддршка преку пораки туку да ни се придружат на протестите. – рече Ложанкоски.

На протестниот собир говореше и членот на извршниот одбор на СДСМ Едмонд Адеми, кој истакна дека сегашните генариции се исправени пред сериозна битка.

-Сите овде сме различни и тоа е убавината на „Шарената револуција“. Не има и Македонци, Албанци, Срби, Бошњаци, Турци… и да различни сме но во едно сме исти, во борбата за слобода, демократија, правда, солидарност и еднаквост во државата. Секоја генерација низ историјата имала своја борба и своја цел, ова е борба на нашата генерација, ова е наша цел и оваа борба ќе ја добиеме, затоа што сме искрени во намерите, искрени во срцата и во желбата оваа држава и ова општество да успее. – рече Адеми.

Движењето „Протестирам“ денеска одржа протести и во повеќе други градови во Македонија.

OhridNews