Денес нема да има протести против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги амнестира сите политичари за случаите поврзани со нелегално прислушуваните разговори. Организаторите повикуваат на протест во понеделник. На улиците на Скопје, но и во Битола и Струмица, илјадници граѓани вчера попладне повторно побараа оставка од претседателот Иванов поради одлуката за амнестија. Со извиците „Нема правда, нема мир“ и „Оставки“ илјадници граѓани петти ден по ред го изразија својот револт од одлуката за амнестија што ја донесе претседателот Иванов.
Протестите, освен инцидентот кај Триумфалната порта, кога човек, од страна на демонстрантите оценет како провокатор, удри девојка која сакаше да направи графит, минаа мирно.
Приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ, вчера не организираа контрапротести. Протести против амнестијата на Иванов #протестирам денеска ќе се одржат и пред македонската амбасада во Вашингтон, САД. Иселениците на овој начин сакаат да им изразат поддршка на своите сограѓани во Македонија, јавува Дојче Веле.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера беше заедно со демонстрантите и рече дека во една работа сигурно верува, а тоа е народот. „Денеска сме овде, јас, дел од раководството на СДСМ, како и впрочем сите вечери, некој од нас е присутен во поддршка на овие протести коишто ги организираат граѓанските организации. Ова расте и не може да застане. Интензитетот се повеќе и повеќе ќе се зголемува“, рече Заев. Тој додаде дека му јавиле оти и во неколку други градови се организираат протестите. Гневот граѓаните мора да го истурат на улиците. Јас само се надевам дека ќе бидеме внимателни, дека ќе бидеме луѓе пред се, без употреба на насилство и по мирен пат секој ќе го изрази револтот во форма на протест. Се урнисаа сите вредности од Договорот од Прижино, буквално е згазено се. Со одлуките за поништувањето на техничката влада, оваа одлука за аболиција од Иванов и овој државен удар, овој срам за Македонија навистина беа врв, кулминација. Колку и да не сака да се изначуди човек, нема крај. Се повеќе и повеќе влгуваат во глупости“, рече Заев.
OhridNews
извор Макфакс