Жители на селото Пештани изминатиот викенд повторно протестираа на влезот од автокампот „Градиште“.
Тие одржаа протест и минатата седмица, кога побараа спроведување на неколку пресуди на Управниот суд во нивна корист. Притоа обвинија и за селективност во денационализацијата, со забелешка дека слични национализирани атрактивни имоти се вратени на МПЦ.
36 семејства повеќе од две децении водат спор за поврат на имотите одземени од државата, а се во рамки на автокампот што се наоѓа на атрактивна локација на источниот брег на Охридското Езеро.
Комисијата за денационализација одбива да им го врати имотот, со појаснување дека на земјиштето е изграден автокамп како објект од јавен интерес.
Протестот, со свое присуство, „го почестија“ тројца пратеници од Охрид, Жаклина Лазареска и Лазе Танески од СДСМ и Кирил Пецаков од ВМРО ДПМНЕ. Опозицискиот пратеник разговараше со незадоволните пештанци, кои му презентираа материјали за случајот.
Фирмата ТД МКМ Нова Трејд ДООЕЛ, с.Пештани, Охрид – закупец на aвтокампот Градиште уште при првиот протест посочи дека имаат уреден договор за закуп со закуподавецот ИНЕКС Горица АД Охрид и ги поседуваат сите потребни одобренија и дозволи издадени од надлежните институции и оттаму нема да дозволат да биде загрозено нивното работење, најавувајќи дека ќе преземат соодветни правни мерки со цел заштита на имотот со кој стопанисуваат.
Нагласија дека компанијата закупец на автокампот, нема ништо заедничко со барањета за враќање на имотите од страна на поранешните сопственици и ниту на било кој друг начин може да влијае на таа постапка.
Овој протест, за разлика од претходниот беше генерално помирен, а пештанци најавија дека нема враќање назад се додека не бидат пристојно обештетени.
OhridNews












