Комисија за проценка од Министерството за Култура, во наредниот период ќе треба да утврди каква е состојбата на Киното при Центарот за Култура ,,Григор Прличев” во Охрид по што ќе биде одлучено колку средства ќе му бидат доделени  за обновување на опремата.  Ова се должи на новиот проект за обновување  на 14 кино сали во Македонија кој ќе се реализира во наредните три години.

-Охрид е во првата фаза за доделување на средства, што значи дека годинава ќе очекуваме обновување на кино опремата со која располагаме. Сеуште немаме информации како точно е планиран проектот, но очекуваме наскоро да има проценка од стручни служби при министeртвото, кои ќе утврдат каква е состојбата тука. Опремата со која располагеме во моментов е од застарен тип, тоа посебно се однесува на кино проекторот, додека пак филмското платно кое го користиме,  беше обновено пред неколку години, вели Драгана Боцевска, директор на Центарот за Култура Григор Прличев.

Таа нагалси дека во моментов, современите кино сали во Македонија располагаат со најнова дигитална опрема, со која се постигнува многу квалитетен приказ на филмските проекции.

Проктот за обновување на  кино салите е дел од  програмата за работа на Владата на Република Македонија и има за цел да овозможи прикажување на филмови во сите градови низ Македонија.

– Националната установа Филмски фонд претходно направи детална анализа на постојната опрема во четиринаесет установи – центри за култура, наменета за проекции на 35-милиметарска филмска лента, аудио-опремата за филмска проекција и кино-платно. Од анализата се увиде дека во центрите за култура во поголемите градови постојат кино-сали со опрема за прикажување на филмови, но таа е расипана или дотраена и во најголем дел не е во функција. Во анализата се утврдија и конкретните детали кои се однесуваат на тоа кој дел од опремата треба да се замени, а врз кој дел е потребно да се извршат одредени поправки, појасни министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, на вчерашната прес конференција во Скопје.