Дијалогот помеѓу политичките партии во Македонија, наречен процес „Жан Моне“, се одложува за мај, соопшти Канцеларијата на европратеникот Иво Вајгл, пренесува „Телма“. Ова велат се прави од организациони причини. Средбата која беше иницирана од тројцата европратеници Вајгл, Кукан и Флекенштајн се одлага по втор пат.
Процесот првично требаше да се одржи во Париз кон крајот на јануари, но поради неможноста на опозицијата да присуствува таа беше одложена. Неодамна при средбата на европаратениците со собранискиот спикер Талат Џафери беше договорено политичкиот дијалог наместо во Париз да се одржи во Охрид од 15 до 17 март.
Беше најавено и присуство на еврокомесарот Јоханес Хан.Ќе успее ли третиот обид политичките партии да седнат на заедничка маса и да ги усогласат сите отворени прашања околу Деловникот за работа на Собранието и етичкиот кодекс? Секоја партија има изготвено свои предлози кои ќе треба да ги достават до канцеларијата на ЕУ во Скопје. Работните групи интензивно заседаваат.
OhridNews
извор: „Телма“












