Заѕвони првото училишно ѕвонче во охридските училишта. Учениците комплетно се вратија во училишните клупи на настава со физичко присуство по речиси две години. Меѓу нив и 504 првачиња во охридските училишта.
Добре дојдовте во овој неверојатен свет на знаење и откритија. Најубавиот период од годината- летото заврши со сите безгрижни игри и убави спомени. Не се обесхрабрувајте, пред вас е едно многу поинтересно време исполнето со учење и игра. Овде, во училиште ќе ги запознаете најдобрите другарчиња и првите симпатии. Времето брзо минува , а со тоа и овие најубави школски денови. Затоа бидете добри и хумани, подајте си рачиња едни со други, им порача градоначалникот Константин Георгиески на првачињата во ООУ “Свети Наум Охридски” во село Пештани.
Како што истакна градоначалникот, во текот на летниот период се работеше на реконструкции и разубавување во охридските училишта.
Во ова училиште, каде денес се наоѓаме го променивме кровот и дограмата, а во подрачните училишта во селата Елшани и Коњско ги променивме кровот и подовите, истакна Георгиески.

Во прва година во средните училишта во Охрид во учебната година 2021/2022 запишани се 474 ученици.
К.А.
Фото: А. Момироска





















