Кошаркарите на АВ Охрид претрпеа драматичен пораз од Пелистер во Битола 72-70 (18-20, 17-15, 22-19, 15-16) во рамките од осмата рунда во Првата лига.


Немаше да биде незаслужено и „галебите“ да се радуваат на победата, но ударите на Младеновиќ во финишот и на Михајловски во последниот напад не ја погодија целта.

Ефикасната игра на стартот им донесе предност на охридските кошаркари по првите десет минути игра (20-18).

Домаќините возвратија со иста мера за егал по две четвртини во спортска сала Младост во Битола (35-35).


„Зелено белите“ во третиот период покажаа малку повеќе квалитет и го добија со три поени (22-19).

Последните десет минути поминаа во мала надмоќност на Пелистер, но охриѓани најдоа начин и стигнаа до реми 70-70 на 30 секунди од крајот на мечот.

Американецот во редовите на домаќините, Хокис поентираше за два, Охрид не реализираше во последниот напад и го положи оружјето по многу борба во Битола.


Најпрецизен во охридскиот состав беше Младеновиќ со 15 поени, а по 14 реализираа Бранко Јанески и Михајловски. Во домашната екипа расположени за игра беа Анакиевски (21 поен) и Андрејевиќ (17 кошеви).

Во Првата лига следува зимската пауза, а натпреварите продолжуваат на 21 јануари следната година.

OhridNews