Охридските кошаркари ја забележаа првата победа пред своите гледачи сезонава, откако во четвртата рунда од Првата лига го совладаа тимот на Кожув со 86-74 (16-18, 19-22, 23-16, 28-18).
„Галебите“ со сефте победата на домашен терен стигнаа до егал (2-2) после четири одиграни мечеви во Првата лига.
Охриѓани летаргично и ноншалатно го отворија мечот, а гостинските кошаркари кои немаа што да загубат во Охрид го искористија тоа и после десет минути игра водеа со 18-16.
Сликата не се промени во вториот квартал и кошаркарите на Кожув за дополнителни три поени го зголемија водството за плус пет на полувремето (40-35).
После ефикасниот старт на второто полувреме Кожув стигна и до двоцифрена предност. Негативата ги „разбуди“ домашните кошаркари кои со две мини серии ја анулираа предноста, а пред крајот на третиот квартал го презедоа водството.
Во решавачките десет минути кошаркарите на АВ Охрид го покажаа вистинското лице. Својот кош го маѓепсаа, а противничкиот го полнеа и со серија 12-0 го отпишаа Кожув од било каков поволен резултат.
„Галебите“ мирно и рутински го спроведија мечот во мирна завршница за втората победа во четвртиот меч во елитата сезонава.
Рос Кенет со 22 поени беше најпрецизен во охридскиот состав. Реми Бери запиша 18 поени зад своето име, Слободан Михајловски стигна до 14 кошеви, а Антонио Донески реализираше 9. Во тимот на Кожув распложени за игра беа Миладин Пековиќ (23 п.), Иван Мишковиќ (14 п.) и Мартин Шалев (13п.).
Во петтата рунда од шампионатот АВ Охрид гостува во Битола, а силите ќе ги одмери со битолски Пелистер.
Мх.П.