Во 26-то коло од првата македонска фудбалска лига домаќините беа расположени за “раздавање“ бодови. Од пет натпревари гостите триумфираа на четири, а еден натпревар заврши без победник. Дуелот помеѓу Силекс – Брегалница не го дочека својот крај откако беше прекинат поради напад на гостинските фудбалери на интернационалниот судија Александар Ставрев.


Шкендија ни во вториот обид не успеа да го совлада Скопје во Автокоманда, “пиратите“ го задржаа лидерот играјќи 2-2. Киксот на “црвено-црните“ го искористи Металург кој победувајќи го Вардар се доближи на пет бодови зад Шкендија, за Вардар останува претпоследната позиција на табелата.


Работнички и Ренова забележаа идентични  победи од 5-0 надвор од своите стадиони. “Романтичарите“ славеа над Напредок во Кичево додека “гипсарите“ го разбија фенерџијата Пелистер. Со овие победи и двата тима остануваат во трката за последното (трето) место кое води во фудбалска Европа.

 “Штофарите“ закрпија три бода на гостувањето кај Турново победувајќи со 2-0, и  за момент ја напуштија опасната зона. Таму остануваат Скопје и Брегалница.

Мечот Силекс – Брегалница се очекува да биде регистриран со службени 3-0 за кратовци.

Мх.П.