Охридската чаршија вообичаено раздвижена во недела. Охриѓани го искористија слободното претпладне за прошетка, но оваа недела не и за шопинг. Невообичаената слика за охридската чаршија следи согласно измените во Законот со кој недела задолжително стана неработен ден.

Како што објаснија претходно од подрачното одделение на Инспекторатот за труд во Охрид, недела задолжително стана ден за одмор за 92 % од работниците од 3 Јануари, што значи дека ова е првата недела откако се применува Законот. Охридските дуканџии бараа Охрид да биде изземен од Законот, не само поради туризмот, туку и поради фактот што немале исти трошоци како дуканџиите во останатите градови. Сепак тие денеска ставија клуч на врата.

Во Охридската чаршија, можеше да се забележи дека се затворени и дел од угостителските објекти, додека дел работеа. Согласно Законот, дозволено е да работат објекти за сместување, дејности за подготовка на оброци и служење храна. Трговијата на мало може да се врши во специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност.

Имено, согласно Законот, вработените во техничко-технолошкиот процес каде што не може да биде прекинат истиот ќе добиваат најмалку 50% повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена, а вработените во трговските центри, односно моловите кои работат во недела ќе добијат дневница зголемена за 100%. Сите работници на кои ќе им бидат прекршени нивните права во врска со работата во недела, спротивно на законските прописи можат да пријават во Државниот инспекторат за труд.

К.А.