Денес, во рамките на 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе биде промовирана книгата „Теми за македонската литература ХХ век“ од руската славистка, академик Ала Шешкен, професор на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“. Настанот, којшто е и прво промотивно претставување на најновата книга за македонската книжевност од академик Шешкен ќе започне во 19:30 часот, а промотивна реч ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска – директорка на МСМЈЛК при УКИМ.

Најголемиот дел од најновата книга на Шешкен е посветен на развојните процеси на македонската книжевност во дваесеттиот век, со акценти на тематските и стилските особености во делата на десетици македонски писатели кои оставиле впечатливи траги во доменот на поезијата, прозата и драмата. Со ваквиот научен пристап книгата претставува своевидна историја на македонската книжевност во минатиот век. Од 2007 година, Ала Шешлен членува во Македонската академија на науките и уметностите. Добитник е на меѓународното признание „Блаже Конески“ во 2015 година, за придонес во проучувањето и афирмацијата на македонската литература и македонскиот јазик. Оваа година таа ја доби наградата „Почесно Рациново признание“, велат во соопштението од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Првиот примерок од изданието му е подарен на претседателот на државата, на свеченото отворање на 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ.

Организаторите велат сите кои нема да бидат во можност физички да присуствуваат на промоцијата, МСМЈЛК при УКИМ ќе биде овозможен пренос во живо преку официјалната страница на социјалната мрежа „Фејсбук“ – https://www.facebook.com/msmjlk.

Инаку, на 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ учествуваат 40-тина странски слависти и македонисти од 15 земји од светот.

OhridNews