Елизабет Гергл од Австрија победи на третиот спуст, кој во рамките на Светскиот куп во алпско скијање се возеше во Бад Клајнкиркхајм.  Пред домашните навивачи Гергел, до победата, стигна со време од 1:48.40 минути. Воедно, Гергел, со победата ја прекина доминацијата на Американката Линдзи Вон, која победи на првите две трки во оваа дисциплина.

Второто место, зад Гергл, со задоцнување од 16 стотинки, го освои Џулија Манкузо од САД, додека на најниското скалило на пиедесталот се искачи Фабиен Зутер од Швајцарија. Водечката во вкупниот поредок во спуст и во генералниот пласман, Линдзи Вон го освои четвртото место.

Денес најдобрите светски алпинки, во Бад Клајнкиркхајм ќе возат супервелеслалом, додека следниот спуст е закажан за 14. јануари во италијанската Кортина Дампецо.

Марсел Хиршер е победник на петтиот велеслалом, кој во рамките на Светскиот куп, во алпско скијање, се возеше во швајцарскиот Аделбоден. Хиршер до четвртата победа оваа сезона, втора во велеслалом, дојде со вкупно време со 2:42.50 минути.

Овој резултат, кој Хиршер го оствари по двете возења, беше за осум стотинки подобро од времето на неговиот сонародник Бенјамин Рајх, додека на третото место, со заостанување од 10 стотинки, се пласира Италијанецот Масимилијано Блардоне. Актуелниот освојувач на малиот Кристален Глобус во оваа дисциплина, Американецот Тед Лигети, заостана 14 стотинки, што му беше доволно за освојување на четвртото место.

Најдобрите светски скијачи, денес во Аделбоден, ќе возат слалом, додека следниот велеслалом ќе се одржи на 18. февруари, во Банско, Бугарија.

“Макфакс“
Ohridnews