Со чартер авион на финскиот тур-оператор „Ауринкоматкат“ од Хелсинки на аеродромот „Св. Апостол Павле“, утрово пристигна првата група туристи од Финска.

Добредојде на охридскиот аеродром им посака вицепремиерот Владимир Пешевски, кој посочи дека ова е првата тура гости од Финска што доаѓа во Македонија како резултат на контактите што Владата  преку Агенцијата за поддршка и развој на туризмот и Агенцијата за странски инвестиции и извоз ги оствари со најпознатиот фински тур-оператор  „Ауринкоматкат“.

– Тоа покажува дека проектите за промоција на туризмот, за зголемување на бројот туристи од странство ги даваат резултатите, рече Пешевски.

Тој најави дека оваа сезона во Охрид ќе има туристи и од други држави и оттаму, како што рече,  е мошне важно сите да вложиме максимум да им овозможиме што попријатен престој со цел нивниот број наредните сезони да биде зголемен за неколку пати.

Гостите од Финска ќе бидат сместени во хотелите „Белви“, „Инекс Горица“, „Гранит“ и „Милениум“ и во апартманите „Стефан“ во Охрид. За оваа теристичка сезона, преку туроператорот „Ауринкоматкат“, кој  е дел од компанијата „Фин Ер“ и е еден од
најголемите туроператори во Финска, со кој годишно летуваат над 350
илјади туристи,  се најавени десет лета од Хелсинки за Охрид.

OhridNews