На аеродромот „Св. Апостол Павле“ утрово слета првиот авион со холандски туристи, кои ќе одмараат на ривиерата.


Со традиционално македонско добредојде и музика тие беа пречекани од заменик премиерот Владимир Пешевски, Амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија Симоне Филипини, градоначалниците на Охрид и Струга,  Александар Петрески и Рамиз Мерко, како и претставници на агенциите “Корендон“ и „Фибула ер Таравел“ кои ги реализират аранжманите и хотелски работници. Туристите се засладија со торта која беше декорирана со мотиви од Холандија и Охрид, а добија и скромни подароци.

Холандските туристи беа меѓу најбројните странски гости на Охридската ривиера во 70-те и 80-те години на минатиот век. Нивниот број драстично се намали по распадот на поранешната заедничка држава, а оттогаш досега тие во Охрид доаѓаа индивидуално или во помали групи. За првпат по дваесеттина години тие повторно организирано, аранжмански ќе престојуваат во Охрид и Струга и тоа во периодот од 6 мај до 18 октомври во организација на тур-операторот „Корендон Интернешнл“ и нејзиниот македонски партнер „Фибула ер Травел“. 


Предвидено е неделно на аеродромот „Св. Апостол Павле“ да слетуваат по два чартер авиони, а поради големиот интерес на туристите од земјите на Бенелукс за пакет-аранжманите за Македонија за шпицот на сезоната односно за јули и август ќе биде воведен и трет-чартер авион од Амстердам за Охрид неделно. Цената на најевтиниот аранжман со авионски превоз изнесува 199 евра.


Холандските туристи ќе престојуваат во 7 и 10 дневни аранжмани, а покрај
Охрид и Струга предвидени се и повеќе внатрешни тури и посета на други
градови во земјата. Се очекува годинава на охридско струшката ривиера холандските туристи да остварат над 60 илјади ноќевања.

OhridNews