На првиот ден од стапувањето во сила на  Законот за постапување на бесправно изградени објекти до Секторот за урбанизам при локалната самоуправа во Охрид не е поднесено ниту едно барање за легализација. Од секторот информираат дека во текот на вчерашниот ден доаѓале граѓани кои сакале да поднесат барање, но повеќето од нив немале комплетна документација, при што им било укажувано кои документи им недостасуваат.



Согласно законот, граѓаните се должи во рок од шест месеци да поднесат барање за легализација по што општината во период од шест месеци треба да направи увид на лице место, да го евидентира објектот и да види дали тој може да се вгради во урбанистичкиот план по што треба да издаде решение за легализација.
 
Покрај барањето за легализација, граѓаните треба да се достават и уверение за државјанство или копија од лична карта, доказ за приклучок на комунална инфраструктура или сметки за јавни услуги и геодетски елаборат за утврдување на фактичката состојба на објектот со имотен лист.

Предвидено е прекинување на постапката доколку со барањето не се поднесени потребните документи, кои може дополнително да се достават се до важноста на законот од шест години.

Со законот се дава можност за легализација на сите дивоизградени куќи, згради, индустриски објекти, базни станици и објекти од државно значење.

Објектите кои нема да бидат легализирани ќе бидат третирани согласно одредбите од Законот за градење и ќе бидат отстранети од страна на надлежните инспекциски служби. 

OhridNews