Пред почетокот на новата учебна година, 1-ви септември, во училиштата во земјата ќе бидат спроведувани силни превентивни мерки против жолтицата, од којашто досега се заболени околу 120 лица, а првиот училишен час ќе започне со миење на рацете, предавања за лична хигиена, начин на пренесување на вирусната жолтица, како и начини на превенција, информира денес др Жарко Караџовски од министерството за здравство.
На седницата на Комисијата за заразни заболувања била донесена одлука од денес па во следните неколку дена од Здравствениот и Просветниот инспекторат да излезат на терен и да проверат на какво ниво е хигиената во детските градинки и училиштата, пред почетокот на учебната година. На влезот пред секое училиште ќе има поставено ткн. дезинфекциска бариера, и учениците пред да влезат во образовните објекти, ќе бидат задолжени да ги натопат, односно да направат дезинфекција на своите обувки.
На споменатата седница, исто така, било одлучени локалните самоуправи да се задолжуваат да спроведуваат задолжително миење на улиците со цистерни со голем притисок, а посебно во општините каде што веќе има пријавено епидемија.
Од министерството демантираат дека болеста се пренесува преку вода за пиење, нагласувајќи дека хепатитот А се пренесува по контактен пат, односно преку нечисти раце. Зголемувањето на личната и колективната хигиена е најважен начин за превенција од жолтица.
Вкупно 119 лица во Македонија се заболени од жолтица, од нив само во текот на средата биле хоспитализирани пет лица. Најмногу заболени има во Скопје – 83 и во Штип каде се заболени 36 лица, а поединечни случаи на хепатит А има и во Гостивар и во Куманово.
OhridNews
извор Макфакс