Првите луѓе на културата од седум земји, генералната директорка на УНЕСКО, Ирина Бокова, многумина заменици-министри како и претставници на Секретаријатот на Регионалниот совет за соработка и членови на делегациите, утре и задутре во Охрид ќе учествуваат на големата министерска конференција на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, на која главна тема е јакнењето на културата во функција на развојот.
Во Охрид, на првата регионална средба откако Македонија се спои на платформата на КОМОКОСЕЕ (постои повеќе од една деценија и негови членки се: Албанија, БиХ, Бугарија, Грција, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска, Црна Гора и нашата земја од лани, а земји набљудувачи се Австрија и Италија). Конференцијата е од огромно значење за продлабочувањето и унапредувањето на соработката на земјите од регионот на културен план. Таа треба да донесе консензус за подобрување на менаџментот во областа на културата и на културното наследство, ќе резултира со заеднички пристап за зголемување на продуктивноста во трошењето на расположливите фондови, промовирање на креативноста и диверзитетот на културните изрази како средства за одржлив развој, натамошен развој на образованието од областа на културата и уметноста, развој на креативните индустрии, а особено дизајнот, филмот и аудиовизуелните уметности, како и зајакнување на прекуграничните активности меѓу државите во регионот.
Исто така, на конференцијата во Охрид ќе стане збор и за натамошното развивање на институционалните и професионалните капацитети во релевантните регионални центри, како и за отворањето нови центри, во приоритетните области од заеднички интерес.
Се очекува конференцијата да резултира со заеднички договор за поставување на КОМОКОСЕЕ во центарот на вниманието, како многу значајна иницијатива за регионална соработка. Директорката на УНЕСКО Бокова, пак, и нашата министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска ќе се разговараат за заеднички проекти и иницијативи на Националната комисија на УНЕСКО во нашата земја, во сферата на образованието и науката, културата, заштитата на културното и природното наследство и друго.
OhridNews
извор Дневник