Одржано прво online судење во Основниот суд Охрид. Судењето беше спроведено за кривичен предмет со сослушување на сведок кој се наоѓа во странство. Судијката Билјана Белеска Пројкоска, која го водеше судскиот процес, вели дека една од приоритетните реформи во правосудството е токму спроведување на онлајн судења заради олеснување на постапката.

Имаме често случаи кога вешти лица, сведоци, се наоѓаат во странство. Конкретно и оваа ситуација беше таква. Беше воспоставена видео конференциска врска на затворен линк преку електронска адреса обезбедена од Бирото за судски вештачења во државава, со вешто лице кое се наоѓа во странство. Имаше можност за испитување и од страна на присутните и од обвинителот и странката. Сведокот неможеше физички да присуствува, бидејќи е отселен трајно во странство. Ме радува овој вид успех на Основниот суд Охрид, вели Белеска Пројкоска.

Додава дека испитувањето на сведокот било успешно. Напоменува дека ваков вид на судење е одржано и во Кавадарци, додека за скопските судови не е запознаена.

Ни треба и измена на законите, конкретно на Законот за кривична постапка, иако го искористивме тоа што во моментот го имаме како актуелно законско решение. Имаме и сега согласно Законот можност за видеоконференциска врска и така го реализиравме овојпат online судењето, потенцира Белеска Пројкоска.

Во однос на тоа дали лицето кое е сведок треба да биде вклучено од соодветна институција,  Белеска Пројкоска вели дека во некои случаи Законот предвидува тоа да се направи преку меѓународна соработка и тоа лице да е вклучено од суд. Но, тоа важи за поригорозни предмети.

Придобивката на спроведување на online судења е што имаме постапки кои траат со години, затоа што не можеме да ги обезбедиме лицата кои на пример може да се странство па не можат да дојдат, службено се ангажирани итн., додава Белеска Пројкоска.

Н.С.Ј.

фото. Основен суд Охрид