Вчера попладнето, во еден од рибните ресторани на улицата „Коста Абраш“ од страна на 33- годишен охриѓанец- гостин во угостителскиот објект  бил нарушен редот и мирот.

Имено, по плаќањето на сметката, на охриѓанецот кој во ресторанот бил заедно со сопругата и двете малолетни деца, на масата му се приклучиле  две лица  по што истиот порачал пијалок и за нив. Откако келнерот му ја донел нарачката, тој побарал сметка, но откако ја видел сумата, на келнерот му платил само половина од износот и му рекол дека тие се доволни, бидејќи имал попуст од сопствениците и побарал уште  четири пива. Откако келнерот заминал и му кажал на шефот на ресторанот, кој не одобрил повеќе пијалок, пријавениот со рака од шанкот на ресторанот турнал на подот повеќе чаши и бокал кои ги скршил, а  истовремено физички го нападнал келнерот и шефот на ресторанот.

По пристигање на полициските службеници на местото на настанот,  лицата кои седеле на масата со пријавениот избегале, а истиот почнал да ги омаловажува и да им упатува закани, поради што бил приведен во охридската Полициска станица.

По целосно документирање на случајот, на лицето ќе му  биде поднесена соодветна пријава.

OhridNews