Во прекрасниот амбиент во Sky Corner, по долга пауза вчера повторно изведена мулти-медијалната претстава „Ти во седум бои“.

Публиката уживаше во уникатниот спој на актерска игра, музика, танц, поезија, адаптација на јавно објавени и авторски дела. Јован Цветкоски, режисер на претставата, истакна дека станува збор за четврта изведба на претставата што „Аматер“ ја изведе во соработка со повеќе охридски уметници, а работена според книгата раскази „Монахот што се плашеше од смртта“ на Горан Василевски.

Самата идеја се крие зад овој наслов и расказ, во кој е обработена вечната и универзална тема – љубовта, нејзиното раѓање, созревање, разочарување, уништување, барање надеж за да се продолжи понатаму, нејзиното умирање, па повторно раѓање, вели Цветкоски.

Ова е една посебна приказна и посебна претстава за нас, бидејќи истата е посветена на покојниот профорот Јован Стојаноски и нашиот другар и пријател маестро Андреј Лаброски, вели Цветкоски.

Секоја изведба им ја посветуваме нив и се надеваме дека ќе има уште многу изведби, бидејќи нивната енергија којашто зрачела претходно во нашиот пат, дружби и средби, значи ова што ние се собираме секогаш и мислиме дека секогаш се тука со нас и поради нивната енергија имаме шанса да ја пренесеме таквата емоција. Сакаме тоа да не престане, да можеме да го пренесуваме и понатаму, бидејќи навистина беа две личности со посебна енергија, додава Цветкоски.

Претставата и сценариото се на Јован Цветкоски, а во вчерашната изведба учествуваа Емилија Колоска, Јован Цветкоски, Јован Поп-Стефанија, Христијан Томевски, Никола Јосифоски, Јане Тодороски, Тони Арслан и Филип Михајлоски.

За првпат мулти-медијална претстава „Ти во седум бои“ беше изведена на 13ти април 2019та година.

 

Н.С.Ј.