Судењето за случајот „Пуч“ во којшто е обвинет лидерот на СДСМ, Зоран Заев, повторно не почна, а на новинарите не им беше дозволено да присуствуват на одложувањето, јавува „Макфакс“.
Како што изјавија лидерот на СДСМ, Зоран Заев и Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева официјално судот го одложил рочиштето, бидејќи еден од поротниците не бил дојден поради болест, но и двајцата реагираа на тоа дека судот не го повикал поранешниот премиер и сегашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој е единствен сведок во овој случај.
„Денеска не се одржа рочиште затоа што главниот сведок, единствениот сведок во овој случај, Никола Груевски одлучи да не се појави или на судот му беше кажано да не му достави покана. Но, за да биде доволно покриен, наводно бил спречен еден од двајцата поротници да биде присутен иако Законот определува и замена на поротници. Во Македонија право и правда мора да има. Тоа мора да биде конечна цел на нас граѓаните кои живееме во Македонија. По 11-ти декември правната држава ќе се врати во Македонија“, изјави Заев
„Рочиштето за ‘Пуч’ се одложи по вина на судот бидејќи еден од поротниците се разболел. Реагирав на таа одлука и реагирав на одлуката да се одложи за 1-ви ноември, бидејќи сметам дека ваков предмете е од итна природа и сметам дека треба да биде насрочен на побрза дата, бидејќи луѓето кои се опфатени имаат мерки за претпазливост и трпат ограничувања на својата слобода. Исто така, реагирав на тоа дека мојот сведок, Никола Груевски не беше повикан на денешната главна расправа. Судот сметал дека тоа не е потребно на оваа главна расправа“, изјави Јанева.
Предметот „Пуч“ го отвори Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а Специјалното јавно обвинителство го презеде овој случај, бидејќи е поврзан со незаконското прислушување.
Лидерот на СДСМ е четвртообвинет во овој случај. Првообвинет е Зоран Верушевски, обвинети се и неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски вработен во МВР и Бранко Палифров, функционер од Општина Струмица.
По објавувањето на жбомбитеж од страна на опозицијата, прислушувани разговори на високи функционери, тие беа обвинети за „шпионажа“ и „насилство спрема државни функционери“. Заев е обвинет дека го уценувал Груевски со снимките од прислушуваните разговори и барал да бидат одржани избори.
Јанева: Судот има рок од осум дена да закаже рочиште за обвиненијата
Основниот суд Скопје 1 има рок од осум дена за да закаже рочиште за двете обвиненија што во четвртокот ги поднесе Специјалното јавно обвинителство. Како што изјави Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева обвиненијата се поднесени во скратена постапка и Судот според неа може да ги закаже судењата веднаш.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев не сакаше да го коментира поднесувањето на Обвиненијата и тоа како Судот ќе постапи во овој случај.
„Неуморно верувам дека големо мнозинство во Судот и воопшто во правниот систем се професионалци кои си ја сакаат својата работа и бараат услови слободно, согласно свое убедување, по Устав и по Закон да носат одлуки. Знаеме пред каков важен моментум сме исправени и како граѓани и како Република Македонија. Согласно моментумот во кој живееме и рбаотиме треба и да се однесуваме“, изјави Заев.
СЈО во четврток поднесе две обвиненија, за уништувњето на списите од работата на системите за прислушување и првообвинет во овој случај е шефот на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски и за насилните протести во општина Центар, во кој провообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски за потиикнување на насилство.
OhridNews
извор: „Макфакс“