Во охридската полиција, попладнево, пријавено било пукање од оружје во Општинскиот електромашински центар „Св. Наум Охридски“.

Неофицијално до инцидентот дошло пред почетокот на третиот час, околу 15.30 часот. Го предизвикал ученик од трета година, поради нетрпеливост со ученик од прва година, чии училници биле во непосредна близина. По пукањето настанал метеж и паника помеѓу учениците, веднаш била повикана полицијата, а наставата е прекината.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски потврди дека се случил инцидент во училиштето во кој според последните информации, полесно се повредени двајца ученици на кои им била укажана лекарска помош во болница. Неофицијално во инцидентот бил користен импровизиран пиштол, плашливец или гасен пиштол.

Местото на настанот соодветно е обезбедено и се очекува надлежните органи да го расветлат случајот кој ја вознемири охридската јавност.

OhridNews