Чешката филмска школа ФАМУ ја прекинува соработката со Академијата за филм во Охрид поради проблемите кои доведоа до застој во работата на оваа високо образовна установа. Дознаваме дека за одлуката со писмо било известено МОН лично од деканот на ФАМУ Зденек Холи, во кое тој изразува разочараност од случувањата на Академијата за филм во Охрид, која требаше да биде првата франшиза на чешката филмска школа од каде имаат излезено плејада светски познати режисери и филмски работници. Академијата за филм во Охрид нема буџет, не се исплаќаат хонорарите на визитинг професорите, нема нови студенти. Со тоа се загрозува и угледот на ФАМУ, поради што сме приморани да ја прекинеме соработката, пишува меѓу другото во писмото деканот на чешката филмска школа.

Се обративме до Министерството за образование и наука од каде кусо ни одговорија дека се максимално заложени за изнаоѓање соодветно решение за состојбата во која се наоѓа Филмската академија во Охрид, кое ќе биде оптимално и ќе ги задоволи сите засегнати страни.

Како и за многу други предизвици во образованието, така и за овој случај МОН континуирано работи да се изнајде најдоброто решение, имајќи го предвид особено интересот на студентите, со цел тие да не бидат оштетени. Во овој правец, несомнено дека ја имaме и поддршката на Владата, каде заедно ќе одлучиме како ќе се постапи понатаму за решавање на овој проблем, односно ќе се донесе одлука за која јавноста ќе биде информирана на време.

Министерство за образование и наука на РМ

Во меѓувреме Академијата за филм во Охрид, каде наставата е во прекин, почнаа да ја напуштаат и визитинг професорите. Двајца од нив писмено побарале нивните податоци да бидат симнати од официјалната веб страна на академијата. Сепак, најмногу штета трпат студентите, кои ги има од сите страни на светот. Тие не можат да го завршат започнатото образование, поради што своите права ќе ги бараат по судски пат.

Г.M.