Повеќе станови се поплавени во населбата Охридати, каде утрово дошло до пукање на главната водоводна цевка фи-300.
Од силината на дефектот направен е кратер длабок неколку метри во непосредна близина на стан на една од зградите кои се наоѓаат в долж улицата „Асном“, која е покриена со кал и чакал.
Становите на приземјето од повеќе влезови се под вода, а станарите се борат да спасат што може да се спаси.
На местото на настанот се екипи на Водовод, како и полиција и противпожарната служба. Поради опасност исклучена е еклектричната енергија, а се прават проценки за оштетувањата на станбените згради.
Како што изјавија очевидци за OhridNews, инцидентот се случил утрово околу 9.30 часот.
-Поплава имаше преку еден метар. Немаше никој од надлежните, поплавени се становите, темелите се попуштени, цела зграда е загрозена, изјави жител на поплавената зграда во населба Охридати.
Останува нејасно зошто станбениот комплекс е изграден во непосредна близина на главната водоводна цевка, и зошто од друга страна истата не била дислоцирана на безбедна оддалеченост од домовите со оглед на големите последици кои можат да настанат при дефект, каков што се случи утрово во населбата Охридати.
Горан Момироски
Поради дефектот на главната водоводна цевка кај Охридатите половина град до доцна вечерва без вода