Од истражниот затвор Скопје, вчера е пуштен охриѓанецот Ѓоко Наумоски, обвинет за помагање по извршено кривично дело во случајот со убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ, што ова лето се случи во Охрид. Наумоски, кој инаку е вработен во кабарето „Куба либре – Хавана“, од синоќа се наоѓа во куќен притвор, каде веројатно ќе остане до почетокот на судскиот процес, дознава OhridNews од извори на одбраната. Таа верува дека во текот на постапката ќе се докаже невиноста на Наумоски, кој во притвор мина точно три месеци.На 27 август српскиот државјанин Дејан Новаковиќ (34) беше убиен во тепачка во центарот на Охрид. Веднаш по инцидентот беа притворени седум лица од Охрид, за подоцна четворица од нив да бидат ослободени од понатамошно кривично гонење, едно ќе одговара за прикривање докази, додека за убиството се обвинети три лица, од кои едно се уште не е достапно за органите на прогонот.
Судскиот процес за убиството на српскиот турист се очекува да биде закажан наскоро.












