Пуштен во употреба новиот ангиограф со кој ќе се подобри квалитетот на услуги на Одделот за интервентна кардиологија во ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во Охрид.

За набавката на овој нов најсовремен ангиограф се обезбедени средства од Министерството за здравство во износ од 30 милиони денари информираше министерот за здравство Беким Сали.

Со ова продолжуваат заложбите на Министерството за здравство кои се фокусирани на зајакнување на опременоста на јавните здравствени установи, инвестиции кои значат подобра и навремена дијагностика поблиску до местото на живеење на пациентите преку процесот на регионализација со кој дополнително го растеретуваме терциерното здравство во Скопје. Во делот на интервентната кардиологија годишно се вршат околу 2000 дијагностички и интервенти процедури од кои 170 интервенции на периферни артерии, 90 стентирања на каротидни артерии, 400 акутни инфаркти како и 100 ендоваскуларни интервенции на периферни вени. Околу 2500 пациенти на годишно ниво се третираат тука на интензивно лекување. Во моментов седум доктори се на специјализација по кардиологија, а за оваа година се обезбедени уште две нови специјализации со што на подолг рок имаме континуитет во зајакнување на кадарот, рече министерот Сали.

Установата, додаде, располага со врвен и професионален кадар, вкупно 30 доктори од кои 12 супспецијалисти кардиолози, тројца интернисти кои во моментов се на супспецијализација по кардиологија, четворица специјалисти кардиолози и по еден специјалист физијатар и специјалист по медицинска биохемија, потенцирајќи дека болницата е единствена Јавна здравствена установа во која се врши дејноста кардиорехабилитација на пациенти по извршени кардиохируршки интервенции и после преболен миокарден инфаркт.

Големо е задоволството што на денот на одбележувањето на нашиот 40 годишен јубилеј почнуваме една нова деценија со нов ангиограф кој што секако ќе го подобри квалитетот на здравствените услуги за нашите пациенти во делот на интервентна кардиологија, како и можноста за нови дијагностички тераписки процедури и секако најважно од се намалување на листата на чекање на елективниот програм која што е долга, рече директорката на установата Д-р Елена Коваческа Башуроска.

Со оглед дека денешниот ден се одбележува и Светскиот ден на срцето, потенцирана беше и важноста од редовни прегледи со цел превенција и навремено откривање на кардиоваскуларните заболувања.

Н.С.Ј

фото. К.С