На граничниот премин Ќафасан денеска свечено во употреба беше ставен новиот царински терминал за товарен сообраќај. На официјалното пуштање во употреба на терминалот присуствуваа премиерот Зоран Заев, евроамбасадорот Самуел Жбогар, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, градоначалници од општините во регионот, делегација на Царината на Република Албанија и бројни гости.

Новиот систем ќе има максимален капацитет од 30 товарни возила и вклучува нова зграда за царински постапки, објекти за преглед на товарни возила кои овозможуваат истовремен преглед на 3 товарни возила, контролен пункт за влез/излез, хоризонтална и вертикална сигнализација и други пропратни содржини на терминалот, што ќе придонесе за зголеман пропуст на преминот за стокови пратки, намалување на времето потребно за граничните формалности, подобар квалитет на услугите и условите за работа на економските оператори и царинските службеници.

Овој инфраструктурен проект на границата кон Република Албанија, долж пан-Европскиот коридор 8 (исток-запад), кој е 4-ти најфреквентен граничен премин за стокови пратки во земјата, е реализиран со финансиска поддршка на Европската унија, и кофинансиран од Владата.

-Подоброто поврзување и побрзиот проток на стоки и луѓе се значајна компонента во пристапувањето кон ЕУ. Ја поддржуваме заложбата на Владата за поврзување на границите и се надеваме дека заедничките контроли кои беа воведени со Србија наскоро ќе се воведат и на овој граничен премин, истакна на свеченоста Амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар.

Според премиерот Заев вложувањето во развојот на инфраструктурата во земјата е еден од приоритетите на Владата. Тој потенцираше дека транспортниот сектор игра важна улога во практикувањето на четирите основни слободи кои се суштина на Европската унија – слободно движење на стоки и услуги, капитал и лица, за чие практикување и промовирање е неопходно да се има добро развиена и модерна инфраструктура. -Големо е залагањето на Царинската управа во активностите и мерките за креирање на поволна бизнис клима и заштитата на интересите на државата, додаде Заев.

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски истакна дека институцијата е одлучно посветена во заштитата на финансиските интереси на земјата и поддршката за натамошно олеснување на трговијата.

-Внимателно инвестираме во капацитетите на Царинската управа. Воведена е напредна дигитализација на царинското работење, како и високи стандарди во оперативните и административните процедури, рече Танасоски.

Пуштен во употреба новиот царински терминал за товарен сообраќај на Ќафасан

OhridNews