Претставници за Здружението на новинари денес остварија работна средба со владини претставници, како резултат на одржаната трибина на 14-ти минатиот месец, кога беше договорено формирање заедничка група помеѓу претставници од владата и ЗНМ.

Дијалогот меѓу Владата и медиумите, како што посочи вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи е значаен за европскиот напредок на Република Македонија.

– Дијалогот за медиумите и со медиумите е значаен за европскиот напредок на нашата земја, рече вицепремиерката Арифи. Работната група ќе изработи план и идеја, според која редовно ќе се среќаваат членовите.

Арифи посочи дека на денешната средба со претставниците од ЗНМ се разговарало за нормативната рамка, за рекламирање на владините кампањи, за зајакнување на јавниот медиумски сервис, почитување на професионалните стандарди-кодексот и етиката на известувањети, како и за клеветата и навредата.

Според претседателот на ЗНМ, Насер Селмани дијалогот е единствениот начин да се решат проблемите, доколку постои волја и искрена намера.

– Овој процес не треба од медиумите да се доживува како дополнителен притисок врз нив, туку напротив, дека треба да се релаксираат односите. Во текот на овој период од една година што го дефиниравме ќе успееме конструктивно да изнајдеме решенија кои ќе се во интерес на сите. Ако има добра волја, ако има искрени намери од овој процес сите ќе излеземе како победници и нема да има поразени, изјави Селмани.

OhridNews