Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска излезе на протест пред Собранието и пред Стопанската комора на Северна Македонија во израз на незадоволство од неизгласувањето на законското решение со кое недела се прогласува за неработен ден и со барање минималната плата да изнесува 60 проценти од просечната плата, а со тоа и спирално зголемување на сите останати плати согласно колективните договори.
ССМ бара од пратениците да ги усвојат измените и дополнувањата на Законот за работни односи со кои се прогласува недела за ден на неделен одмор, измена и дополнување на Законот за минимална плата, потпишување на Општ колективен договор за јавен сектор и Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

Деведесет и два проценти од работниците денеска требаше да одмораат, а останатите осум отсто да земат минимум зголемена дневница од 50 проценти. Затоа ги повикувам веднаш да влезат во пратеничките клупи и да го изгласаат ова законско решение од кое ние работниците ќе имаме голем корист, порача Димовски.

Исто така, потребно е и останатите плати да растат бидејќи се зголемија животните трошоци и затоа е неопходна примената на Колективните договори по сектор или гранка, со цел да не дојде до израмнување на платите, истакна претседателот на ССМ и додаде дека од 30.000 работници со минимална плата, бројката сега достигнала до 110.000 и побараа исплата на регрес за сите работници.

Имаме гаранција, имаме решение, ќе седнеме и ќе разговараме со цел да се донесе и законското решение за зголемување на минималната плата, барем до јануари 2022 година, додаде тој.
Синдикалците потоа се упатија кон Владата, каде треба да го достават барањето за исплата на регрес на сите работници.
OhridNews











