Бројни реакции од работниците во дуќаните во охридската чаршија по ставот на работодавачите дека треба недела да биде работен ден. Велат сите сме свесни дека Охрид е туристичко место и можеби тоа што газдите бараат да се работи во недела е оправдано, бидејќи секој инвестирал и сака да заработи.
Но, зошто во цела оваа ситуација еднаш не рекоа, ќе ги почитуваме правата на работниците да не работат во недела, а ќе работиме ние газдите. Поентата на овој Закон е работниците да поминуваат повеќе време со своите семејства, а не да добиваме дупли дневници. Ние сме против да работиме во недела, нас не ни треба дупла дневница, ни треба слободен ден. Да речеме дека надвор од сезоната ќе работиме во недела, па денот ќе се компензира со слободен ден во текот на неделата. Но, што ќе се случува летниот период, кога и така години наназад ги работиме неделите, неплатени и без слободни денови, велат дел од работниците.
Во однос на исплаќањето на дуплите дневници, работниците се сомневаат колку газдите навистина ќе ги исплатат дневниците или работниците ќе бидат принудени да ги вратат на рака, со чест на исклучоци кои секако ги има од работодавачите, потенцираат работници со кои разговаравме, а кои сакаа да останат анонимни.

Ако сакаа да покажат навистина како би изгледало да биде затворена чаршијата требаше тоа да го направат порано од 17 часот, или да бидат затворени цела недела. Инаку, речиси сите дуќани во охридската чаршија секој ден се затворени во 20.30 во зимскиот период, додаваат работниците.
Охридските дуќанџии организирани во Здружението на трговци „Чаршиски еснаф“, предупредија претходно дека Законот со кој недела се прогласува за неработен ден, кој на сила стапува од првиот викенд во новата година, ќе предизвика сериозни штети на локалната економија и може да има далекусежни последици. Потенцираа дека ќе испратат известување за овој викенд да работат, а потоа ќе се насочат институционално да се реши проблемот.
Ако не ни е дозволено да работиме прво нешто што ќе треба да направиме е минимум да ги намалиме вработените, кој како технолошки вишок, кој како социјален случај. Охридската чаршија во нејзиното постоење никогаш до сега немала недела неработен ден. Има туристи кои доаѓаат за викенди, Охрид најчесто е посетен во недела, додаваат од Здружението.

Потенцираа дека голем проблем претставува и тоа што Законот не им дозволува на малите трговци да работат во недела, ниту со дупли дневници, а дека тие се подготвени да ја испочитуваат таквата одредба.
Н.С.Ј.













