Доколку работникот кој вчера настрада при демонтирање на урбана опрема во центарот на градот носел заштитна опрема, пред се шлем, немало да дојде до несакани последици, велат лекарите од специјалната болница  за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде е хоспитализиран повредениот.


Тој според информациите кои ги добивме од болницата бил примен со повреда од тврд предмет во главата, која ја здобил при удар од тенда.

– При приемот повредениот беше дезориентиран и неконтактибилен, преземени се соодветни процедури, извршена е компјутерска томографија на мозокот и сместен е во одделот за интензивна нега каде прима соодветна терапија. Пациентот е снажен и очекуваме дека лекувањето добро ќе се одвива-информираат од болницата, од каде посочуваат дека повредениот не е во животна опасност, но од предострожност ќе биде задржан неколку дена на набљудување.


И додека лекарите укажуваат дека инцидентот можел да се избегне, надлежните се оградуваат од одговорност, посочувајќи дека се работи за несреќен случај.

Од ЈП Охридски комуналец, чиј работник е повредениот, преку соопштение информираа дека  акцијата се изведувала по налог од Комуналната инспекција, а вработените од јавното претпријатие биле вклучени само во делот на подигање на отстранетиот материјал.

– Настанот се случил после завршувањето на акцијата, кога вработените од ЈП „Комуналец“ биле повикани од страна на сопственик на шанк да помогнат при спуштање на металната конструкција. Имено, при отстранување на опрема од правен субјект, сопственикот побарал да не се отстранува неговата опрема, туку дека тој сам ќе обезбеди лица кои ќе ја отстранат опремата, со што нема да ги сноси трошоците за отстранување. Вработените од Комуналец биле повикани да му помогнат на лицето кое го обезбедил сопственикот на шанкот, за да му помогнат да ја спуштат металната конструкција која била на поголема висина, кога и дошло до немилиот настан.-стои во соопштението на јавното претпријатие.

OhridNews