Резултатите од единаесетгодишните истражувања, спроведени врз 7.000 британски државни службеници, покажа дека постои поврзаност меѓу некои срцеви проблеми и долгите работни часови, и дека кај оние кои поминуваат повеќе од 11 часа на работа, за 67 проценти се поголеми шансите да добијат срцев удар, пренесува „Макфакс“.

Истражувачите од лондонскиот Универзитетски колеџ велат дека ризикот е многу голем, па поради тоа општите лекари при испитувањето на пациентите би требало да имаат увид за тоа колку време поминуваат на работа.

Меѓу 7.000 испитаници во британската студија, регистрирани се 369 случаи на смрт од срцеви болести, како и инфаркт без смртен исход и случаи на ангина пекторис. Ризик од такви болести бил за две третини повисок кај испитаниците кои работат три до четири часа прекувремено.

Раководителот на истражувањето доктор Мика Кивимаки, вели дека начинот на животот на личноста која прекувремено работи ќе се влоши и како резултат на лошата исхрана или зголемената конзумација на алкохол.

„Се надеваме дека нашето истражување ќе им помогне на луѓето да донесат некои добри одлуки, да се откажат од штетните навики и да ги разгледаат сите можности за спречување на срцевите болести“, советува Кивимаки.

OhridNews
извор: „Макфакс“