Германската полиција рано утринава изврши рација во четири сојузни држави, привремено притворајќи шестмина осомничени поврзани со серија закани за бомбашки напади на џамии, канцеларии на политички партии и редакции на медиуми, пренесе германската новинска агенција ДПА.
„Примарна цел на полицијата во рациите беа седум лица за кои се тврди дека стојат зад заканувачките писма“, изјави министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоаким Херман.
Шест од нив биле приведени и привремено задржани пред да бидат ослободени, додека полицијата допрва треба да го лоцира седмиот.
Заканувачките пораки, вкупно 23, кои од јули биле испраќани по имеил на разни примачи, содржеле закани за бомбашки напади и биле потпишани со имиња како „Народен фронт“, „Борба 18“ и „Крв и чест“.
„Крв и чест“ е забранета организација, која потекнува од САД, а „Борба 18“ се смета за нејзино вооружено крило и за кое се вели дека е активна во повеќе европски земји. Бројот „18“ во името на оваа организација се однесува на првата и осмата буква од абецедата, А и Х, односно иницијалите на фашистичкиот и нацистички лидер Адолф Хитлер.
Рациите, во кои учествувале околу 120 полицајци, биле спроведени во седум места во покраините Баварија, Баден-Вуермберг, Тирингија и Саксонија-Анхалт.
OhridNews
РСЕ