Охридските ракометари останаа непоразени во Скопје ремизирајќи 29-29 со екипата на Металург во дерби средбата од осмата рунда во Супер лигата. „Гладијаторите“ на полувремето имаа плус четири (17-13) а во финишот имаа два негатива но успеаја да стигнат до заслужен бод. Со ремито во дербито избраниците на Раде Стојановиќ ја продолжија серијата без пораз која трае после неуспехот во првата рунда на гостувањето кај тимот на Пролет.

  • Овој бод за мене и за Охрид значат многу, Металург е екипа со име, до лани играа Лига на шампиони и имаат голем ростер на играчи. Ова за нас е голем бод, голема победа. Видов кај играчите дека се под притисок дека нема време, избрзаа во неколку контри. Затоа им кажав да играат само смирено, две минути се многу во ракометот. Го сфатија како што треба и го освоивме овој бод. Падот во нашата игра се должи на неискуство. Самата екипа, играчите и управата треба повеќе да веруваат дека овој состав што го имаме е за поголеми работи отколку само за плеј-офот во лигата. – изјави Стојановиќ за „24ракомет“.

Предводникот на Металург, Зоран Кастратовиќ после натпреварот рече дека Охрид не го изненадил со играта во првиот дел кога стекна водство од четири голови и дека играчите не донесле најдобри одлуки во финишот.

  • Знаевме Охрид што игра и немаше ништо изненадувачки особено во првиот дел на 6-0 одбрана. Едноставно мислам дека треба посериозно и повисоко ниво на влез во секој меч од психолошки аспект и да бидеме професионалци 100 посто од глава до петици и на овој терен да дадеме сè од себе. Сите заедно да остваруваме победи кои ќе носат позитивна атмосфера и кои ќе не креваат од меч во меч. Ова нерешено е само почеток кон она што се надеваме дека ќе биде на повисоко ниво од денеска, а тоа се натпреварите против Горење во Купот на ЕХФ. – истакна Кастратовиќ.

Во следната рунда Охрид на домашен терен игра со Металург2, па го пречекува Пролет. Овој натпревар, пак, ќе биде од посебно значење бидејќи „рибарите“ ќе го прослават јубилејниот 30-ти роденден.

OhridNews
Фото: Екипа.мк

Серијата без пораз продолжи, „Гладијаторите“ ремизираа со Металург во Скопје