
Единствено отворени за разговор беа неколкумина иматели на бугарски пасоши од Охрид кои пред неколку дена биле контактирани од членови на Радко. Ратковистите им се пофалиле дека веќе имаат околу 10 илјади членови и дека Охрид како евентуално седиште на идната партија го избрале и од безбедносни и од причини што сакале токму во овој град да се вее знамето на идната бугарска партија во Македонија.
Сепак, и да постојат, подготовките за идната партија се прават во настрога тајност. Не се открива ни кои ќе бидат први луѓе, ни како ќе се вика партијата, ни кои ќе бидат нивните цели на дејствување. Се зборува дека ќе се барала поддршка и од илјадниците Македонци кои имаат извадено бугарски пасоши.
Нашите соговорници, кои сакаа да останат анонимни, не кријат дека ратковистите ги контактирале, но велат: “бугарските пасоши ни беа потребни за нашите бизнис релации со Европските земји. Ние не сме Бугари и не сакаме да делуваме во никаква политичка партија“.
Оние кои добро ги познаваат луѓето кои стојат зад бугарското движење овде во Охрид велат дека тие се охрабрени од позитивниот исход во Судот во Стразбур, кој по одлуката на македонските судови да го забрани здружението „Радко“, пресуди во нивна корист. Биле оптимисти дека лесно ќе дојдат до потребните 1.000 потписи за регистрација на партија. Гласините во Охрид дури одат дотаму што како можен датум за промоција се најавува Илинден, 2-ри август.











