Апелациониот суд на ОН му ја зголеми казната на поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, на доживотен затвор поради, како што се вели, масовните убиства во Сребреница за време на босанската војна во 90-тите, пренесува РТ.

Караџиќ претходно беше осуден на 40 години затвор, што во практична смисла претставуваше доживотен затвор за 73-годишниот политичар, за улогата што ја одигра во насилниот распад на Југославија.

Процесот денес се одржа по жалбата на Караџиќ, во која обвинителството инсистираше дека доживотната казна е посоодветна за неговите злосторства.

Караџиќ беше лидер на Србите во Босна за време на граѓанската војна во 1990-тите. Во 2016 година Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКТЈ) го осуди за масакрот во Сребреница во 1995 година и тој беше прогласен за виновен за 10 од 11 обвиненија и осуден на 40 години затвор.