Со многу енергија, мотивираност и желба за нови успеси, ракометарите на ГРК Охрид ги започнаа подготовките за новата сезона.

Екипата е со осум нови играчи меѓу кои Филип Талески, Мартин Ивановски, Шуичи Јошида, Адама Кеита, Никола Зечевиќ, Мартин Карапалевски, Доминик Мате и Дино Славиќ и заедно со ракометарите кои останаа во тимот продолжуваат со истите амбиции за освoјување трофеи.

Тренерот Борис Ројевиќ во изјава за Охридњуз вели амбициите се исти како и минатата сезона да го дадат својот максимум на секој натпревар и на секој тренинг.

Се променија доста играчи, многу од носителите на играта заминаа и тоа што беше многу тешко за нас е заминувањето на Реј во јули, еден од клучните играчи во оваа екипа. ​Сепак тоа покажа колку Охрид е квалитетна екипа за да еден играч замине во екипа од Лигата на шампионите која оваа година се бори за пласман на Фајнал фор (F4). Сите му посакавме многу среќа и успех таму. Што се однесува до сите овие момци, добивме многу квалитетни имиња и одиме силно на четири фронта оваа година, имаме Регионална лига, Домашно првенство, Куп и Европски куп, посочи Ројевиќ.

​Додаде дека почнуваат со два турнира, тоа е турнирот во Струга кој го освоија минатата година, како и Охридскиот турнир.

Потоа веднаш почнува Регионалната лига. Можеби распоредот е малку незгоден бидејќи гостуваме кај Будва Панчево, а потоа следи Суперкупот против Вардар и сето тоа во рок од седум дена, а по тоа го имаме и Пелистер. Распоредот баш и не ни оди од рака, но пак ќе кажам одиме на нашето, од натпревар за натпревар, да дадеме максимум на секој тренинг и на секој меч за овој клуб и за овој град, па ќе видиме за колку ќе биде тоа доволно, истакна Ројевиќ.

OhridNews