Охрид викендов е домаќин на завршниот турнир од Купот на Македонија на кој учествува ракометниот крем во земјата. Покрај бранителот на Куп титулата Алкалоид, на Ф4 турнирот кој почнува денеска, играат уште и Вардар, Еурофарм Пелистер и домаќинот ГРК Охрид.
Натпреварите се играат во салата „Билјанини извори“. Во првото полуфинале од 17 часот се среќаваат екипите на РК Вардар и РК Алкалоид, а од 19:30 часот играат РК Еурофарм Пелистер и ГРК Охрид кој заедно со Општина Охрид втор пат е домаќин на завршнивата од купот.
Градоналачникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков на денешната прес конференција на која се обратија и претседателот на РФМ, како и претставници на четирите клубови, посочи дека градот и локалната самоуправа се секогаш подготвени да одговорат на барањата на Ракометната федерација за одржување на Ф4 турнирот, додавајќи дека се размислува и во насока Охрид да биде домаќин и во наредните години.
За нас ова како град во последните 4 години е втор Ф4 турнир. Би рекол за разлика од претходниот пат кога го организиравме, ГРК Охрид е дел од најдобрите четири ркипи во Македонија. Се надевам како организатори и како домаќини ќе бидеме добри и дека во иднина како град, локална самоуправа и ракометен клуб треба да ја зграбиме шансата и да бидеме повторно организатори на Ф4 турнирот. Четирите екипи кои ќе настапат на турнирот, Алкалоид, Еурофарм Пелистер, Вардар и ГРК Охрид, се најдобрите во последните неколку години во Македонското првенство. Посакувам спортска игра, многу среќа и подобриот нека победи, рече Пецаков.
Претседателот на Ракометна федерација на Македонија, Александар Стефанов истака дека на овој Ф4 турнир е собран ракометниот македонски крем.
Им посакувам спортска среќа на сите учесници во еден ракометен дух, една коректна борба, да имаме убав Ф4 турнир. Ги повикувам сите Македонци да дојдат, ова е ракометен празник. Купот секогаш имал посебен натпреварувачки дух, а победникот ќе се закити со пахар, рече Стефанов, најавувајќи притоа дека се во преговори за организација на Трофеј на Македонија, женски турнир, во септември во Охрид.
Андрија Нунев, оперативниот директор на РК Вардар истакна дека шансите на сите екипи се подеднакви во турнирот.
Купот е такво натпреварување, еден натпревар 60 минути, кој е подобар, кој ја посакува повеќе победата тој ќе победи. Пресудна е желбата дефинитивно во вакви натпревари. Екипите се тие. Се познаваме сите меѓу себе, сме одиграле многу натпревари оваа сезона. Се надевам дека се ќе биде во ред. Ќе одиме од натпревар во натпревар. Најпрвин против екипата на Алкалоид да одиграме како што знаеме и ако стигнеме до финалето ќе дадеме се од себе да го освоиме и трофејот, истакна Нунев.
Славчо Ристески, спортски директор на ГРК Охрид, посочи дека публиката ќе ужива во ракометниот викенд во Охрид, а надежта е клубот да се пласира во финале.
Организиравме Ф4 Куп и Супер куп пред три години. Се надевам сите недостатоци доколку ги имаше ќе ги надминеме сега. Мислам дека сите ќе уживаме во ракометниот викенд, а што се однесува до ГРК Охрид се надевам дека барем ќе го играме финалето утре, рече Ристески.
Купот на Македонија секогаш претставувал едно натпреварување кое буди посебни емоции и како и сите противници, РК Еурофарм Пелистер доаѓа со свои амбиции, а тоа е да го врати овој трофеј во своите витрини, рече Звонко Шундовски, извршен директор на клубот.
Купот секогаш ни приредувал изненадувања, така мислам ќе биде и овојпат. Знаеме дека овде не победуваат секогаш фаворити и затоа се подготвуваме максимално сериозно и посветено пред се за првиот натпревар, а потоа ако се пласираме, а цврсто верувам дека ќе се пласираме во финалето и да го вратиме после 20 години овој трофеј во нашите витрини, истакна Шундовски.
Алкалоид е бранител на трофејот согласно тоа овој ф4 турнир за нашиот клуб е посебен, истакна Зоран Цветановски, претставник од РК Алкалоид.
Нема да кажам ништо ново, а тоа е дека полесно е да освоиш, отколку да одбраниш. Нашиот тим на овој Ф4 турнир во Охрид се соочува со таков предизвик особено што во полуфиналето е Вардар, квалитетен тим кој оваа сезона претендира на злато трофеј во македонскиот ракомет. Алкалоид во пролетниот дел од сезоната е хендикепиран и настапува на сите три фронта серозно ослабен бидејќи речиси целата првата постава е со сериозни тешки повреди. Алкалоид како и секогаш без разлика со кој состав ќе настапи ќе се обиде да постигне успех, а во овој случај одбрана на трофејот, рече Цветановски.
Финалето од Ф4 Купот на Македонија ќе се одигра утре, 1 јуни, со почеток во 17:30 часот. Сите мечеви ќе се играат во салата „Билјанини извори“.
Н.С.Ј./Г.М.
фото/видео. А. Момироска