Раководители на седум центри за вработување, кои со одлука на Агенцијата за вработување се разместени на исто ниво во други општини, обвинуваат дека врз нив се врши притисок и мобинг, со цел да се откажат од функцијата. Раководителот на центарот во Охрид Јован Батковски, неодамна е преместен во Ресен, а тамошниот негов колега во Охрид, со исто решение: „Унапредување на работата, внатрешна организација и рационално користење на човечките ресурси“.

– За да постои било каква потреба од прераспоредување на раководен службеник во друг центар, треба да постои образложение, анализа и истражување дека постојат одредени проблеми, недостатоци или неправилности во работењето. Во овој случај не се работи за тоа. Конкретно за мојот пример, колегата од центарот во Ресен е прераспределен во центарот во Охрид за да ја унапредува работата, а јас во центарот во Ресен. За апсурдот да биде поголем, по само дваесеттина дена овој колега е прераспределен од Охрид во Битола на местото стручен соработник. Со тоа всушност јасно се покажува дека апсолутно не се работи за унапредување на работата, туку се работи за други цели, односно за класичен притисок врз раководителите за изнудување на решение за разрешување што е спротивно на законот за административни работници, а да не зборувам за моралните и етичките аспекти. – изјави Јован Батковски. 

Наташа Ѓорѓиеска Анчов од Крушево била прераспоредена во Македонски Брод на оддалеченост поголема од 50 километри од местото на живеење, поради што решението било поништено од Агенцијата за администрација, по што таа со ново решение е прераспоредена во Демир Хисар. Смета дека тоа е направено со цел да се откаже од работата. 

– Имам неподвижна мајка со која живеам и се грижам за неа. Во ваквата ситуација која е наметната по патишта сум без соодветна автобуска линија, се малтретирам и по повеќе од пет часови дневно. Во другите центри немало потреба од мое прераспределување, ниту имало потреба од унапредување во Крушево. Сето ова по мене е беспредметно. – вели Наташа Ѓорѓиеска Анчов, сега раководител на Центарот за вработување во Демир Хисар. 

Разместувања на раководители по хоризонтала има и во центрите во Кичево, Неготино, Кавадарци и Гевгелија. Тие заедно со колегите од Охрид, Крушево и Демир Хисар ги обжалиле решенијата на в.д. директорката на АВРМ Билјана Јовановска, и покренале соодветни постапки пред судот и Агенцијата за администрација. 

-Ваквите дејствија кои се преземени од в.д. директорот содржат елементи на кривични дела, и за ваквите дејствија поднесена е кривична пријава пред Јавното обвинителство по три основи: злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење во службата и малтретирање во вршење на службата. –  истакна Сузана Батковска, правен застапник на прераспоредените раководители на центрите за вработување.

Од Агенцијата за вработување на Република Македонија – АВРМ, информираат дека преместувањето на раководителите во седумте општински центри е во согласност со Законот за вработените во јавниот сектор и имаат за цел унапредување на работата на Агенцијата, а особено на центрите за вработување.

-Шест од овие решенија беа потврдени од второстепениот орган – Агенција за администрација, како основани и законити, а само едно решение беше поништено поради надминување на одалеченоста од 50 километри помеѓу претходното и новото работно место. Во секој случај, со овие распоредувања не се врши никаков мобинг врз вработените, туку истите имаат за цел подобрување на функционирањето на центрите за вработување во рамките на расположивите човечки капацитети на АВРМ. – соопшти Агенција за вработување на Република Македонија.

Прераспоредените раководители најавуваат дека случајот ќе го туркаат до крај и очекуваат брза институционална разрешница.

Горан Момироски