Италијанскиот стручњак, Клаудио Раниери, португалскиот селектор, Фернандо Сантош и стратегот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан се тројцата финални кандидати во изборот за најдобар тренер.


Финалниот избор на ФИФА е очекуван, бидејќи екипите предводени од тројцата тренери стигнаа до најважните титули.

Тимот на Лестер со Италијанецот на клупата стигна до титулата во Премиер лигата. На почетокот коефициентот за шампион на Лестер во Англија изнесуваше 5 000, а многу луѓе приказната на „лисицијата“ ја окарактеризираа како бајка во фудбалот.

Фернандо Сантош, пак, им го исполна сонот на милиони португалци, откако со „селесао“ го освои трофејот на Европското првенство во Франција. Португалија на стартот од ЕП не се вбројуваше во потесните фаворити, но со триумф против Франција во финалето селекторот си обезбеди место во историјата.

Прославениот француски репрезентативец, Зидан на сред сезона го презеде кормилото на Реал Мадрид. За кратко време успеа да ги исправи грешките на Рафа Бенитез и да го одведе клубот до титулата во Лигата на Шампиони.

Најдобриот тренер ќе биде прогласен на 9 јануари на свечената цероминија во Цирих, каде секоја година традиционално се одбираат најдобрите.

OhridNews