Расказот „Коси од розева волница“ под шифра „Солза“ е избран за најдобар на конкурсот распишан од Општина Охрид во рамки на манифестацијата „Вечер на Чинго“ .
Од вкупно пристигнатите 59 раскази, жири комисијата во состав: професор Ирена Бачиќ – претседател и членовите Тоде Илиевски и Милчо Јованоски, потесниот избор го свела на три раскази. Меѓу нив, освен наградениот се и „Охридски крап“ под шифра „Ивана“ и „ Бавча со зелени патлиџани“ под шифра „Пајазит“.
Како што истакна претседателката на жири комисијата, професор Бачиќ, и покрај тоа што трите расказа ги исолнуваат сите критериуми наведени во конкурсот, „Коси од розева волница“ се издигнува во сите аспекти над останатите.
– Расказот е приказна која е спој меѓу реалниот и натприродниот свет . Од него постојано извираат неверојатно силни емоции кои го изместуваат човека од сопственото лежиште. Претставува исповед на една душа на мајка која прерано го напуштила светот и го оставила своето мало детенце. Во расказот откорнатата мајчинска љубов ги побива сите граници на можното и неможното, и успева да им се спротистави на силите на универзумот за нејзината душа да остане со напуштеното чедо се до оној момент до кога е потребно. Крајот сепак е неминовен но во овој случај тоа не е момент кој го одбрала судбината, туку моментот кога нејзината ќерка ќе почуствува дека е спремна сама да зачекори во животот, истакна проф. Бачиќ.
Нарацијата во расказот е лесна со чиста мисла , без оптоварување со непотребни описи. Јазикот е лесно прифатлив, композициски речениците се изградени до совршенство и сето тоа придонесува содржината да се восприеми во еден здив.
– Драго ми е што и тројцата , во потесен избор го имавме токму расказот „Коси од розева волница“ и што преовладуваше мислењето дека расказот се издигнува над останатите и со темата која е реткост во македонската проза, но истовремено и со начинот на нарацијата, стилот и содржината, рече Милчо Јованоски.
Членовите на жири комисијата сметаат дека, со оглед на големиот интерес и квалитет на расказите кои пристигнуваат на конкурсот, наградниот фонд треба да се збогати.
– Добро би било доколку се доделува и втора и трета награда. Наш предлог е да се размисли и за тоа да неколку текстови од пристигнатите се собираат во збирка раскази со цел и јавноста да ги прочита. Ме радува тоа што секоја година има голем број пријавени раскази на конкурсот, вели Тоде Илиевски.
Наградата во висина од 30 илјади денари на авторот ќе му биде врачена на 13-ти август во рамки на културната манифестација „Вечер на Чинго” што Општина Охрид ја организира во селото Велгошти, родното место на писателот Живко Чинго.
Т.К.